уторак, 18. јануар 2011.


СЕКАДЕ,СЕГА И СЕКОГАШ

Живот во познат град

Не е едноставно да живееш во познат град.
Сите мотиви се исцрпени.
На крај живееш од мотивот ,,за инает,,...и тоа на кој друг ...ако не на себе си....
Гневен си на себе си заради сите познати агли и свиоци ....на патеките по кој можеш да стигнеш до некаде.И заради константната бројка на лицата кои ќе ги сретнеш на разминување (ни помалку ни повеке ...19...ипол...оваа половина незнам како излегува во збирот...но секогаш во математиките се покажува нецелосноста на минувачите)...И заради немилосрдните божемно љубезни прашања на загрижените за тебе сограѓани.А најмногу заради немоќта тој град да го напуштиш...од проста причина што ти се мешаат мотивот да истраеш и мотивот себе си да се измачуваш сакајќи да ја одржиш сликата на лојален.А за таквите лојални мазохисти кои мислат дека вежбаат трпение,познатиот град нема ниту психијатри доволно стручни да те избават од безизлезот,зошто за нив твојата состојба не е дијагноза туку сигурен и мирен живот.

Живот во помалку познат град
 
Си мислиш дека е интересно да живееш во помалку познат град.Се шеташ по тротоарите со отворена плуќа дишејќи издувни гасови...а мислиш дека си на планина.Ги гледаш луѓето право во очи и нивниот туп ,незаинтересиран и отсутен поглед ти се чини дека е поглед вперен во царството на свежите идеи и креативниот поглед на животот.Ако некој на минување во бркотницата те запраша со извежбана учтивост , како си,одговараш со таква концентрација како да побарал да напишеш вовед за автобиографија.Фасадите на зградите ти се чинат како некој постојано да ги освежува. Навечер кога треба да заспиеш,и го прелистуваш богатиот дневен репертоар на настанани...се обидуваш да ја прикриеш болната празнина во срцето.....на никој и ништо.Во помалку познатиот град има помалку и повеќе познати психијатри на кој немаш пари да им платиш да те убедат дека таа празнина се вика слобода.

Живот во идеалниот град

Тој град е твојот стан.Ти ги познаваш сите пукнатинки на ѕидовите,мирисот на собите,мебелот и постелата во која секоја вечер легнуваш.Ја знаеш температурата на водата од чешмата,во секој дел од денот и аголот на светлината во сите годишни времиња.Во овој град ги среќаваш оние кои имаат пристап во твоите мисли на ваков или онаков начин.Со нив застануваш или се разминуваш зависно од тоа дали ти сакаш да се задржиш во мислите на некој или да го одминеш.Во тој град архитектурата ја правиш ти,ти ги смислуваш ликовите и ти ги пишуваш сценаријата и дијалозите.....таму си сам со себе си и разбираш дека единствениот град кој постои е оној во твојот ум,и за сите недоследности си виновен ти.Тогаш не ти преостанува ништо освен да го промениш концептот на твојот ум и да живееш секаде,сега и секогаш.

1 коментара:

Постави коментар